ЗМНР Исаки и ДСек Попов остварија работна посета на Сараево

18 мај 2021

На 17-18 мај, 2021 година, делегација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, предводена од заменикот министер за надворешни работи, Фатмире Исаки, во чиј состав беше и државниот секретар за надворешни работи, Зоран Попов, оствари работна посета на Сараево.

Во рамки на посетата, беа одржани билатерални консултации на ниво на заменици министри за надворешни работи меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, чија делегација беше предводена од заменикот министер за надворешни работи, Јосип Бркиќ, во врска со европските и евро-атлантските интегративни аcприрации на двете земји.

Во разговорите, беа разменети информации и споделени искуства во врска конкретните активности и имплементацијата на реформските процеси што произлегуваат од процесите за зачленување во ЕУ и НАТО. Покрај констатацијата и заеднички искажаното задоволство од досегашната добра соработка меѓу двете Министерства, беа разгледани и можностите за нејзино натамошно продлабочување , вклучително и во рамки на регионалните иницијативи, како што е САД - Јадранската повелба.

За време на посетата на Сараево, заменикот министер Исаки оствари и средби со шефот на програмскиот дел на Советот за регионална соработка, Маја Ханџиска Трендафилова на која меѓу другото, беа разгледани можностите за соработка и учество на Советот во организирањето на Конференција во врска со вклучувањето на родот во надворешната политика, како и други  идни активности што би произлегле од овој настан.

Заменикот министер Фатмире Исаки оствари средба и со Горан Крталиќ, советник на заменикот - претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина, на која беа разгледани општи ставови и позиции во врска со имплементацијата на Спогодбата за сукцесијата, како и можностите за остварување на натамошен напредок по ова прашање, согласно интересите на двете земји.